Оваа репортажа е направена после долготрајно истражување на терен и преку директен разговор со нивни членови од семејствата ,роднини и пријатели,нивни обожаватели,сограѓани,музичари и други граѓани. Нивните искажувања ви ги пренесуваме подолу. Целта е запознавање на пошироката јавност со нивното дело и поттикнување на иницијатива за превземање чекори за оддавање признание на овие заслужни граѓани со нешто со што би се оддолжиле за она со што не задолжиле.
Седум и пол километри југоисточно од градот Пробиштип се наоѓа селото Бунеш сместено во подножјето на Осоговските планини веднаш под Голем рид.Бунеш е оддалечен 82км од Скопје.До селото води асфалтен пат и до него може да се дојде по патните правци од Кочани,Штип,Св.Николе и Пробиштип.
Веднаш на влезот во селото од левата страна ќе ја забележите селската црква Св.Илија каде што за 2 август селото го слави празникот Илинден кога присуствуваат голем број на иселеници од селото и други посетители.Патот поминува низ средина на селото каде што од левата и од десната страна се распоредени убави стари куќи градени од камен и дрво со високи чардаци и продолжува до сред село каде што се наоѓа селската чешма.
Селото го сочинуваат претежно староседелци.Во 1953 год. според пописот во селото живееле 424 жители или 70 куќи,а во 1971 год. бројот се намалил на 263 жители.Причина за тоа се иселувањето и вработувањето на жителите во периодот од 1963-1973 год. во околните градови Кочани,Штип,Пробиштип, Куманово,Скопје и други места.Денес во Бунеш живеат само десетина семејства.
Од 1949-1953 год. во селото постоела селска задруга која го носела името Гоце Делчев во која што работеле жителите на селото. Во тој период во селото имало поголема група на млади луѓе кои што биле големи вљубеници во македонското оро и песна.Тие биле многу талентирани играорци кои што уживале во македонскиот музички фолклор,вежбале,го негувале и во секоја прилика тоа на дело го покажувале.Не само во нивното село,за време на празници тие оделе пешки и со коњи на собори,свадби и други веселби во другите околни места како што се селата Ратавица(за време на празникот Св.Троица играле во излетничкото место Глобица),с.Трипатанци,Злетово,с.Древено,с.Рајчани,кочанско,во Лесновскиот манастир во с.Лесново за време на празникот Мала Богородица на 21 септември,во манастирот Св.Дух за Духовден во с.Дренак на ридот Костомар во почетокот на јуни,манастир Св.Пантелејмон за празникот Св.Пантелеј,кочанско на 9 август,во манастирот Св.Недела во с.Ранченци,Светиниколско за празникот Св.Недела кој што се одржува кон крајот на април или почетокот на мај и многу други места каде што настапувале со свој репертоар на македонски ора и никој не можел да ги надигра,никој не им бил рамен.Кога играле народот се воодушевувал кога ги гледал,тие толку убаво играле па набргу се пручуле и надвор од Пробиштипско-Злетовската област и ги нарекле ,,Бунешките играорци,,.
Во 1949 год. учествувале на Фолклорниот натпревар на СР Македонија во Скопје и освоиле второ место од стручното жири.Еве што за ова ни раскажа Павле Спасов од Бунеш кој што сега живее во Скопје: Мајка ми била присутна на натпреварот во Скопје,а ова се нејзините зборови: ,,Од Бунеш заедно со играорците поголема група млади луѓе отидовме со коњи до селото Жиганци,а од таму со шинобус до Скопје.Натпреварот се одржа на плоштадот(денешниот плоштад Македонија) каде што имаше дојдено многу народ,а нашите играорци настапија со ора од нашиот крај при што ги придружуваа двајца наши гајдаџии. Кога заврши натпреварувањето на кое се играа народни ора тогаш дојде време за прогласување на победниците.Кога прогласија второ место за нашата играорна група во тој момент многубројната публика тоа го прими со овации,радост и ги носеа нашите играорци на раце.Кога прогласија прво место за играорната група од Гостивар публиката почна да звижди и негодува.На натпреварот беше присутна и Делегација од Англија која што по завршувањето дојде и ги покани членовите на нашата играорна група да учествуваат на нивниот Меѓународен фолклорен фестивал во градот Ланголен(Liangollen) во 1950 год. За жал нашите играорца заради повеќе причини како на пр. нивните обврски кон земјоделските активности во поле,работата во нивните бавчи покрај Злетовска река,обврските кон земјоделската задруга,неискуството,непостоењето на менаџер во тоа време кој што би ги организирал и би им го олеснил патот до Англија не беа подготвени за таков предизвик иако за тоа имаа голема желба сепак не можеа да ја прифатат оваа прекрасна понуда.Штета што испадна така.Но сепак за среќа место нашите на овој фестивал во 1950 год.отиде Танец и освои прво место во светоt, па ние се радувавме на овој нивен голем успех''.
Цветко Алексов, син на на Блаже Алексов,најдобриот играорец,живее во Бунеш: ,,Татко ми играше на танец и ја водеше групата.Тој беше самоук ама голем играорец.Сам знаеше да си сошие носија за оро.Тие тренираа доста,одеа по свадби,собори и други веселби како во с.Ратавица,с.Трипатанци,с.Рајчани,с.Лесново,Злетово и во сите други места каде што се одржуваше некаква веселба.Водеа и гајдаџија со себе затоа што тој им ја познавше играта,тие беа увежбани и претставуваа една целина па така орото им беше поубаво.Ги играа ората Пајдушка,Арнаут,Осоговка,Крстачка и др.Народот ги почитуваше''.
Бобе Василевски,внук на играорецот Стојан Василевски,живее во Скопје: ,,Дедо ми Стојан играше во групата која се состоеше од десетина членови млади луѓе.Нивната љубов и желба кон македонските народни ора била голема.Тој ми кажуваше дека често се собирале и вежбале на сред село кај чешмата која што постои и денес и тогаш меѓусебно се натпреварувале Блаже Алексов,Моне Лечов и Стојан Велков кој кого ќе надигра,Тогаш на сред село се се случувало''.
Ацо Арсовски,бунешанец,потомец од играорна фамилија,живее во Пробиштип:
,,Бунешките играорци беа најдобри не само во Пробиштипско-Злетовската област туку многу пошироко, и во другите региони.Тоа беа играорци какви што нема на друго место.Јас како момче ги гледав кога вежбаа играа на чорапи на сред село и правеа џепови на панталоните околу коленото и во нив ставаа помали камења за да играат полесно.И јас и многу други за играњето научивме доста од нив''.
Нове Јакимовски,бунешанец живее во Пробиштип:,,Доволно беше само да ги гледаш и уживаш во нивната игра,тоа беше нешто посебно.Ќе си отидеш дома радосен и среќен што си ги гледал и што си видел нешто толку убаво.Ние се гордееме со нив.Тоа не се заборава.Одеа пешки секаде каде што имаше народни веселби само да играат.Тие за тоа живееја.Сакаа да играат ама да ужива и публиката. ,такви беа.Најдобар играорец од сите беше Блаже Алексов''.
Дојчин Митров од Бунеш,живее во Пробиштип: ,,Бунешките играорци беа нешто посебно,а најдобар беше Блаже Алексов.Додека играше тој изведуваше елементи кои што ги воодушевуваа присутните.Првин тој се сконцентрираше и музиката го возбудуваше,ја чувствуваше во себе,целиот весел и насмеан почнуваше да игра.Тоа не беше шала,тоа беше извонредно играње.Луѓето се пуштаа од орото само да го гледаат како игра.Тој беше голем играорец''.
Нада Крстева,од Бунеш,живее во Пробиштип: .,,Дедо ми Тоде Мицов свиреше на гајди и секаде ја придружуваше играорната група каде што ќе одеше.Во тој период семејствата беа побројни.Секоја вечер откако ќе го затвореа и нахранеа добитокот играорците одеа на сред село и вежбаа.Ние живеевме на сред село и особено во зимскиот период нашата фамилија се собираше на едно место кај нас така што жените плетеа,предеа,чешлаа волна,ткаеја,печевме компири,тиква,класје(пченка),а дедо ми свиреше со гајда.Имавме и казаница(просторија за варење ракија) и таму доаѓаа многу луѓе,се правеа седенки,имаше музика,оро,дружба,навистина беше убаво.Бунеш ги имаше најдобрите играорци и ние се гордееме со нив. Имаше и жени кои што убаво играа па би ги спомнала Ванѓа Василевска и Цена Мицева.''
Баба Елена Мишева,живее во Бунеш: ,,Еее синко,такви играорци не се раѓаат веќе.Кога играа,ќе ги гледаш цел ден и цела ноќ,тоа беше нешто мераклиско.Они кога ќе дојдеа сите други се пуштаа да ги гледаат како играат.Незнам зошто тука се раѓаат големи играорци,можеби поднебјето е такво.Тогаш на сред село имаше оро за празниците Илинден и Спасовден и се собираше многу народ.Покрај играорците во селото имаше и гајдаџии.Мојот сопруг свиреше на гајда,а на гајда свиреа уште и Драги Тушев и Ангел Начев.Играорците играа во носии,најдобар играорец беше Блаже Алексов кој што знаеше сам да си сошие носија.Тој шиеше старовремски елеци куси везени ги нарекувавме преберени елеци.Исто така Павле Арсовски и Павле Јовановски шиеја машки и женски елеци. Женските елеци беа подолги од машките.
.Најпознат мајстор за носии беше Димчо Варадински од селото Трипатанци.Јас исто така си имам сошиено елеци и сеуште си ги чувам.Постоеја два вида на елеци: лити и везени(преберени).За свадби,собори и други свечености и мажите и жените ги носевме везените,додека за секој ден или кога одевме на жетва ги носевме литите(обичните) елеци.Свечените,значи везените се изработуваа за 3-4 дена,додека обичните (литите) за 1-2 дена".

Дедо Гоче Јачев,жител на с.Ратавица: ,,Бунешките играорци беа нешто посебно,а најдобар меѓу нив беше Блаже Алексов кој што беше не многу висок,слаб,смеѓ,симпатичен и комуникативен човек. И јас играм ама бунешките играорци се за приказ.За празникот Св.Троица доаѓаа тука кај нас во излетничкото место Глобица близу нашето село.Кога тие ќе дојдеа од Бунеш весели,насмеани,расположени,музичарите свиреа,тие се фаќаа на орото,а другите се пуштаа да ги гледаат и уживаат а пак тие ќе собуеја обувките и играа на чорапи,играа ли играа,тоа беше нешто многу убаво. На крајот сите си одевме дома расположени.Во почетокот играа на гајди,а подоцна на тапан,труба и кларинет. Најмногу ги играа Пајдушкото,Крстачката,Осоговка,Арнаутот и други ора''.
Јован Нанев,од с.Ратавица: ,,Јас сум ги гледал многу често Бунешките играорци затоа што доаѓаа во нашето село и во местото Глобица каде што играа за време на празникот Св.Троица.Бев многу млад па ме интересираше нивната игра, сум одел и во нивното село и тука кај нас сум ги гледал и можам да речам дека навистина беа нешто посебно,исклучителни и извонредни играорци.Бидејќи многу убаво играа,многу народ ги гледаше.Најдобар играорец беше Блаже Алексов кој што ,убаво,брзо и лесно ги врзуваше елементите од орото и сето тоа изгледаше,перфектно".
Лазо Петков(Шавалејката) од Бунеш,живее во с.Ратавица:,, Бунешките играорци играа со голем мерак,а пак јас со голем мерак ги гледав.И јас и други луѓе научивме многу околу орото од нив.Тие одеа и играа насекаде.По нив имаше и други ираорци ама овие беа најдобрите: Блаже Алексов,Љубе Лечов,Моне Лечов,Ладе Гогов, Трајан Василев,Ѓошо Сенев,Крсто Алексов,Стојан Василев,Борис Јованов Кузманов,Ангел Василевски и Пано Јосев. Тие каде и да одеа со себе ги водеа гајдаџиите Тоде Мицов(најдобриот гајдаџија) и Ангел Начев.Со гајди свиреа и Ѓошо Бачевски,Драги Тушев и Игнат Николовски(Красолинката).На Фолклорниот фестивал во 1949 год. на плоштадот во Скопје тие за време на орото на сцената го имаат изведено името Тито.Во 70-те години во Бунеш се одржуваа Бунешки иселенички средби и тогаш гостинка ни беше Васка Илиева и се сеќавам дека имаше многу народ,веселба,оро,дружење".
Русе Митев од с.Стрисовци,еден од најпознатите музичари(трубач) на овие простори.(починат).Еве што тој ни раскажуваше уште поодамна за бунешките играорци: ,,Бунешките играорци беа нешто посебно,тие беа брилијантни и врвни мајстори на орото, неверојатни таленти. Со мојата банда(музичка група)им свиревме на многу свадби,народни собори и други веселби.Им ги свиревме крстачката,пајдушкото,арнаутот,осоговка,поттрчулката,елено моме,овчеполско оро и др.Толку убаво играа што нас не поттикнуваа и ни даваа сила да дадеме се од себе и да свириме што е можно подобро,ја усогласувавме музиката со нивната игра,со нивните потези и движења,а тие играа ли играа и орото беше прекрасно за гледање.Народот се собираше и ги гледаше со видно задоволство и расположение, а тие предизвикуваа емоции кај присутните,од очите им течеа солзи,се радуваа што гледаат такви играорци.Тие внесуваа новини во орото. Изведуваа потези и елементи кои што ги воодушевуваа присутните.Се вртеа де налево де надесно,скокаа,клекнуваа,правеа складни,точни и правилни движења со нозете,рацете,главата,телото,подзастануваа па пак продолжуваа,правеа косини на телото и на едната и на другата страна,поаѓаа напред па пак назад, се пуштаа па пак се фаќаа за рака,се вртеа и сами изведуваа прекрасни делови затоа што кога си пуштен сам тогаш може додатно многу повеќе да покажеш на орото и тоа да изгледа убаво. Сето ова го правеа правилно и навремено без да доцнат во ниту еден момент,а кога ќе изведеа нешто тоа го правеа брзо,усогласено и сите наеднаш заедно во еден миг еднакво изведуваа потег така што тоа изгледаше како една целина и беше прекрасно. Беа многу увежбани..Тие беа и добри луѓе.Блаже Алексов играше на танец и беше најдобар играорец.Тој беше шармантен,цврст и стегнат играорец кој што пленеше присутните со својата игра.Играше преубаво,сите елементи совршено и беспрекорно ги изведуваше,прекрасно ги врзуваше преклопите,имаше убави движења со тело раце и нозе,се праеше убаво и без грешка.Само што ќе мрднеше со телото, веднаш беше убаво,а потоа не се опишува со зборови колку убаво играше.Многу му прилегаше кога игра,тој беше вонсериски играорец,голем талент и голем мајстор со божја дарба.

Пред да заигра исправен,сиот расположен,весел,насмеан.Беше брз како стрела и лесен како пердув.Тешко се раѓа играорец како Блаже".
Љубовната приказна за момчето од Бунеш и убавата Овчеполка
Бунешките играорци толку се прочуле и станале популарни во другите региони така што луѓето на народните собори(собири) оделе,очекувале и прашувале дали се дојдени играорците од Бунеш Покрај другите места тогаш оделе и на еден од најубавите и најпознати собори во с.Ранченци,светиниколско, за празникот Св.Недела(Св.Недела се одржува и слави секоја година кон крајот на април и почетокот на мај).Во почетокот домаќините многу не ги милувале бунешани затоа што се плашеле да не им ги превземат девојките, но бргу се спријателиле така што Бунешани оделе кај нив во Ранченци,а пак Ранченските ергени доаѓале во Бунеш.Бунешките играорци со нивната убава игра бргу го привлекле вниманието на девојките.Во редовите на бунешките играорци било и едно младо и убаво момче кое што многу и се допаднало на една убава девојка од овчеполските села која што исто така била добра играорка.Бргу се родила голема љубов меѓу нив двајцата така што момчето за роденден и купил убав гердан,а пак таа за неговиот роденден му сплела убав црвен џемпер.По некое време момчето отишло во војска,а убавата девојка останала кај своите родители.Девојката била од добра фамилија па набргу се прочула и подалеку така што еден ден од Скопје и дошле стројници.Иако девојката не сакала да се мажи за тоа момче во Скопје,скопјани повеќе пати доаѓале и ја барале , а потоа и домашните ја притиснале велејќи и дека е време да се мажи и оти ова е убава шанса која не се пропушта па ја убедиле некако и таа кандисала.Кога нејзиното поранешно момче од Бунеш се вратило од војска, по некое време тој добил писмо од нејзе во кое што пишувало следното: ,,Проштевај мили мој,јас се омажив во Скопје,ама тебе се уште те сакам.Твоја ..."Набргу и момчето се оженило па и тој и напишал писмо во кое што пишувало: ,,Мила моја,знаеш дека и јас те сакам.Со мака го прочитав твоето писмо и сакам да ти предложам нешто: Ако ми се роди женско дете ќе го крстам по твоето име,а пак ти ако имаш машко да го крстиш по моето. Твој..."Сепак нешто убаво се случило.Убавата невеста родила едно женско и едно машко дете па машкото го крстила по неговото име ,а пак тој имал неколку деца и на едно девојче му дал име по неговата сакана.Денес се починати и двајцата ама приказната останала. Имињата на девојката и момчето не ги објавивме затоа што не добивме дозвола од нивните семејства.
Младите играорци од Бунеш биле вљубени во македонскиот музички фолклор.Иако биле самоуци и нивниот потенцијал не бил доволно искористен тие сепак направиле и постигнале многу.Живееле во место каде што немало инфраструктура за нивно напредување,немало каде да вежбаат и тренираат и ред други работи па морале сами да се снаоѓаат,едноствно се што правеле правеле сами.Тоа биле годините во повоена Југославија кога во тек било возобновувањето и развојот на државата.Да имале подобри услови такви какви што биле иако успехот не зависел само од нив сигурно дека ќе постигнеле многу повеќе и ќе биле ширум познати,но сепак тие го правеле најубавото,ги веселеле луѓето,ги правеле радосни,нивната игра допирала до срцата на луѓето,биле и оделе секаде кај што бил народот, се почитувале,се дружеле,се помагале,освоиле второ место на Фолклорниот фестивал во 1949 год. во Скопје ,биле поканети да учествуваат на меѓународниот фолклорен фестивал во Англија,а тоа не е мала работа. Не биле само играорци,тие биле домаќини,фини и паметни луѓе кои што ја негувале македонската музичка култура,традиција,обичаи особено од Пробиштипско-Злетовската област и Овче Поле,дале придонес кон надоградба на македонскиот културен идентитет особено во делот на народните ора и песни од овој крај на Македонија.Танец во нивната кореографија и репертоар има вградено елементи токму од ората што ги играле,а исто така ги вградиле и трите ора Пајдушкото, Крстачката и Осоговка кои што потекнуваат од овие краишта.Тие оставиле траен белег на овој простор и затоа треба да им се оддаде почит и признание за сето она што го направиле.Како што ни рече баба Елена да се сеќаваме на нив и да се гордеме со нив затоа што направиле нешто добро за нас. Тие го прославиле Бунеш и Злетовско-Пробиштипската област.Несомнено е дека заслужуваат многу поголемо внимание,почит и простор во денешното живеење. Барем еден скромен споменик да им се подигне на сред село во нивното родно место Бунеш во знак на сеќавање и благодарност инаку ќе ги заборавиме, а тоа не е добро. Браво за Бунешките играорци!
Им благодариме,
Слава им.
Ја изразувам мојата благодарност до сите за соработката, Славче Митевски
Крај на репортажата


